Си беше еднаш еден човек, кој имаше две мачки. Не беа тоа обични мачки. Едната беше црна, другата бела. Едната го знаеше наизуст минатото, другата, иднината. Еден ден, кога за нешто се потскараа, белата мачка, која веќе подолго време чувствуваше дека знаењето на црната мачка сериозно ѝ ги ограничува потенцијалите, луто ѝ рече:
„Иднината е поважна од минатото. Минатото е мртво и треба да биде заборавено. Затоа отсега јас ќе бидам господарка на куќата. Ќе ми ја отстапиш удобната столица покрај каминот, најубавиот поглед од прозорецот и целото внимание на господарот!“
Црната мачка немаше каде, па мораше да се согласи.
Минуваа денови. Белата мачка живееше како кралица, а црната се повлече во еден темен ќош, кај што никогаш не допираше светлина, и таму, скриена од сите и потемна и од самата темница, го минуваше времето.
Господарот на куќата молчешкум ја прифати новата ситуација. Се чинеше дека и нему му одговара да му се тргне од пред очи црната мачка, која знаеше доста непријатни работи за него. Секое попладне тој ќе седнеше да одмара во удобната фотелја покрај каминот. Надвор беше зима, студено и ветровито, а внатре убаво и топло. Белата мачка тогаш ќе му скокнеше в скут и милозливо ќе започнеше да преде. Човекот ја галеше и сонуваше за сите оние убави работи кои го чекаат во иднина.
„Дали ќе бидам многу богат?“, ќе ја прашаше повремено белата мачка, а таа ќе се извртеше на грб и ќе го откриеше мекото бело стомаче, ќе му ја дофатеше дланката со својата мека, памучно бела шепа, па задоволно ќе испуштеше едно:
„Пррррр..пр.пр…прррр“.
Човекот тоа секогаш го толкуваше како потврден одговор и уште позадоволен ќе продолжеше да ја милува и да прашува.
„Кажи ми, ме гледаш ли во голема, луксузна куќа? Имам ли убава, млада жена? Можеби имам голем црвен автомобил? Ќе станам ли славен, познат, најубав на светот?“, редеше тој прашања, едно по друго, додека во очите му блескаа пламенчињата од огнот во каминот.
„Пррррр..пр..прррр“- доаѓаше одговорот до неговите уши.
Црната мачка, не сосема без завист, од мрачниот ќош го следеше овој секојдневен ритуал и таквиот еднонасочен муабет помеѓу господарот и нејзината соперничка. Ѝ беше малку криво што и таа не знае така убаво да ги преде работите кои ѝ беше дадено да ги знае, но што да се прави кога иднината секогаш е толку светла и податлива за преобликување, барем во фантазијата, а минатото е непроменливо и запечатено, па не може ни со предење ни со прашања да се промени ниту малку. Таа знаеше многу „црни“ работи за нивниот господар, па не би имало смисла да ги белее, таман и да можеше со тоа да си купи малку повеќе удопства.
Белата мачка меѓутоа не сакаше да се запре на ова. Реши сосема да ја избрка црната од куќата и да стане единствена миленичка на господарот. Во секоја прилика бесно ја напаѓаше со извлечени канџи и шиштеше пискотливо на неа. Иако имаше обиди да биде разубедена во таа намера, пред сѐ од самиот господар, кој малку се исплаши од помислата да остане без минато, работата сепак се истера до крај по нејзина волја.
Човекот беше понесен од оние прекрасни слики кои иднината му ги нудеше, и сакаше да се ослободи од минатото еднаш засекогаш и така да стане и тој чист и бел, како мачката миленичка. Така, најпосле, една зимска ноќ ја избрка својата црна мачка надвор, иако беше голем студ и имаше напаѓано многу снег, па му беше јасно дека нема да преживее.
Црната мачка натажено ја свитка опашката и ја напушти куќата. Полека, чекор по чекор, газеше низ снегот кон ѕвездите на небото. Човекот и неговата светла иднина, неговата бела мачка, ја гледаа низ прозорецот, зацрвенети од возбуда и топлина на огнот во каминот.
Но токму кога се чинеше дека сѐ е свршено, ненадејно се случи нешто многу чудно. Таму каде што ќе стапнеше црната мачка, во снегот остануваше голема црна трага. И не само трага, дамката се претвораше во црна дупка, а дупката се ширеше, растеше, дури како сврдел длабеше надолу, низ снегот и земјата под него. Како мачката се оддалечуваше, се отвараа нови и нови дупки под нејзините шепи и тие почнаа опасно да ја нарушуваат физичката структура на просторот и димензијата на времето.
Човекот, кој сето ова го набљудуваше од зад прозорецот, пребледе од страв. Сфати дека сторил нешто страшно, глупаво и наивно се одрекол од своето минато и се обидел дури да го отстрани од својот живот. Со тоа го беше довел во прашање целото свое постоење.
Сиот премален се заврте кон белата мачка, кон својата светла иднина, очекувајќи дека таа ќе има решение за оваа ненадејна компликација , но со ужас забележа дека од неа останала само некоја нејасна форма, сосема проѕирна контура, низ која се гледаа зјапнати големите челусти на оние намножени црни дупки, кои го зазедоа сиот преостанат простор околу него. Тој веќе не беше тој. Стварноста започна да се рони како суво парче леб. Го зафати и него, ситнејќи го ронка по ронка, токму во мигот кога со последни сили се обиде да потрча и да ја дофати црната мачка за опашката, пред таа сосема да исчезне, за да ја задржи барем својата последна меморија, еден дамнешен детски плач во лулката.
авторска приказна: Сузана Камберова
фотографија: Aneta Rog (Pixabay profile: Netti_Nu_Nu)