Една од најчестите и популарни теми во психотерапијата е поставувањето граници кон другите луѓе и способноста да се каже НЕ кога одредена понудена опција или услов не соодветствува со нашите принципи на живот и го повредува нашиот личен интегритет.
Познавам луѓе кои можат да изедат тегла слатко од зелени смокви и за еден час да им „испари“ од организмот, а познавам и такви кои секој оброк го мерат и премеруваат за да ја регулираат својата тежина. Некои пак функционираат и со 5 до 6 часа сон, а некои со минимум 8 часа спиење.
Дали знаеме и умееме себеси да си кажеме НЕ и ДОСТА Е кога ќе ги преминеме сопствените граници на издржливост и се самоизмачуваме, кога ќе претераме со сопственото самосожалување или пак со непочитување на туѓите граници? Или кога ќе претераме во уживањето кое подоцна ни се треска од глава? Колку собира нашиот „желудник“? Како да ја пронајдеме сопствената и автентична умереност.
Верувале или не, но токму од таа автентична и својствена умереност ни зависи психофизичкото здравје, квалитетот на живот, а и поставувањето на граници кон остатокот на светот. Дури и слободата зависи од патот на умереноста. Оној кој знае кога е доста е слободен човек, бидејќи неумереноста има цена која обично не можеме целосно сами да ја платиме, а тоа подразбира да бидеме робови на сопствените хирови. Затоа важно е да се знае што ни е навистина неопходно, а што ни е сервирано како такво.
Средниот пат, или патот на умереноста, ни нуди слобода во животниот маратон, без адреналин, само уживање во едноставноста и во моментот како временска определба од бесценето значење.
текст: Дана Сиљан
фотографија: Елена Ставреска
Преубаво, или подобро да речам умерено срочено!
Браво Данче
ПС Нино од зграда
Нино, фала ти многу за искрената поддршка. Се читаме и понатаму со нови содржини, кои се надеваме дека ќе ти се допаднат.
Поздрав,
Дана и Елена.