Зен Преглед

Енергетски менаџмент

Заморот најчесто го дефинираме како енергетски пад, кој следи после реализирање на низа активности за туѓ бенефит, да не речам атер. Луѓето кои што чинат атер ги нарекуваме атерџии. Е, атерџиите најчесто влегуваат во бездната на енергетскиот колапс, а во истата своеволно пропаѓаат и атероуживателите. Атерот е извршување на дејност, која најчесто задоволува туѓа, бесмислена и непродуктивна потреба од која всушност никој ништо не добива, освен кратката и моментална сласт на оној на кој му е сторен атерот. Тој, атероуживателот, се чувствува дека има одредена важност, која секако е само привидна. Целосно е предаден на монотона инерција, пружајќи отпор на секоја промена и може да се опише како неподвижен организам, кој со тек на времето закржлавува.

Однос без енергетска размена

Во овој однос не постои енергетска размена. Личноста која го чини атерот, обично е генератор кој има човечка/хумана потреба да сподели, притаено да контролира и може да биде во две улоги. Првата е улога на сонце, кое секаде сака да засвети и да осветли, а втората е невидлив пердув што ја држи рамнотежата на целата „инфраструктура“, која секако е на стаклени ногарки. Првата улога со тек на време прегорува, а втората на најмал ветар ја руши кулата од карти.

Улогите мора да се менуваат

Атероуживателот целосно се потпира на атерџијата и многу лесно му ја предава контролата. Атерџијата често ја презема оваа обврска и со неа се закитува како со медал, а често ја доживува и како награда за вложениот труд. Но, овде никако нема здрава енергетска размена, ниту динамика. За да постои циклична енергетска размена, неопходно е овие улоги да се менуваат и тоа да биде постојано и без престан, што би значело секој да поработи на својот личен софтвер. Иницијатор за оваа размена мора да биде атерџијата, кој би се откажал од оваа улога, со цел да ја поттикне другата страна да ја покрене динамиката. Доколку од другата страна нема одговор, односот мора да се напушти.

Останете ми во добро здравје!

 

текст: Дана Сиљан

фотографии: Елена Ставреска

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *