Зен Преглед

Концептот на космичка двојност – Јин и Јанг

За двете спротивставени енергии, Јин и Јанг, се смета дека произлегуваат од почетната празнина (понекогаш претставена како празен круг), во која тие оживотворуваат еден динамичен циклус во едно продолжително движење сè додека повторно не ја постигнат или достигнат празнината. Токму затоа Јин и Јанг е еден активен концепт. Како илустративен пример може да послужи фрлањето камче во мирна вода, по што веднаш се појавуваат концентрични кругови во вид на бранови, но и вдлабнатини во водата меѓу брановите, а оваа појава на повисоки и пониски точки во водата ќе се движи кон надвор сè додека постепено не заврши, а водата повторно не стане мирна. Јин и Јанг се спротивности кои претставуваат спротивни квалитети.

Месечината е Јин, сонцето е Јанг

Јин ја претставува ноќта и месечината, а, аналогно на тоа, и зимата, додека летото е Јанг, бидејќи Јанг се поврзува со сонцето и со денот. Во човечките односи, женското е Јин, а машкото е Јанг. Не е можно да се зборува за Јин или за Јанг без да се спомене неговиот спротивен квалитет. Јин и Јанг имаат исто потекло и создадени се со едно исто движење и истовремено. Една раса составена само од мажи или само од жени брзо ќе исчезне за само една генерација, но затоа мажите и жените заедно создаваат нови генерации кои овозможуваат расата да опстане. Јин и Јанг се претвораат едно во друго налик на подводна струја во океанот. По секој подем следува пад, и по секое напредување следи повлекување. Кога од земјата, од семето, изникнува растение кое се стреми кон небото, тоа ќе го наречеме Јанг движење. Но кога тоа ќе ја постигне полната висина, почнува да слабее и на крајот паѓа на земјата и се распаѓа. Тоа ќе го наречеме Јин движење. Она што Јин го носи како својство е потенцијалот за манифестирање на Јанг и обратно – Јанг носи потенцијал за манифестирање на Јин.

Концептот Јин-Јанг е динамична рамнотежа

Јин и Јанг се балансирани, а целиот концепт Јин-Јанг е една динамична рамнотежа. Тие се појавуваат истовремено и секогаш се исти: ако го снема едното мора да го снема и другото, а она што тогаш останува е празнината. Но ова не е секогаш лесно видливо, затоа што Јанг елементите се очигледни, додека Јин елементите се скриени и едвај видливи. Јин и Јанг, всушност, не се цврсти тела или некакви сили, што е начинот на кој нештата се сфаќаат и поимаат во западната мисла. Тие се еден универзален начин за опишување на меѓусебните влијанија на природните сили кои се случуваат во светот.

 

Текст: Дана Сиљан

 

4 thoughts on “Концептот на космичка двојност – Јин и Јанг

  1. Маја напиша:

    Немам коментар освен дека беше потребна ваква страница

    1. Elena Stavreska напиша:

      Ти благодариме Маја. Ќе се потрудиме секогаш да имаме интересни и поучни содржини.

    2. Kristina напиша:

      Odlicni vesti i novosti,, vi cestitam za ideata

      1. Elena Stavreska напиша:

        Кристина, голема благодарност за поддршката. Се читаме со нови интересности.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *