Зен приказна

Легендата за „Тајната Вечера“ на Леонардо Да Винчи

Во пресрет на христијанскиот празник Велигден, во Зен Ординација ви споделуваме една легенда од светот на уметноста, од периодот на високата ренесанса. Поврзана е со уметникот Леонардо Да Винчи и неговото дело „Тајната Вечера“, а исполнета е со животна мудрост и вистина.

Имено, кога Да Винчи започнал со сликање на оваа славна фреска, што ја прикажува најважната сцена од библиската историја, наоѓал соодветни човечки модели според кои ќе ги наслика ликовите на Исус и дванаесетте апостоли. За ликот на Исус избрал едно момче кое го забележал во црковниот хор, чие лице било со благи црти, нежен тен, бистар и топол поглед – веродостоен визуелен репрезент за добрината и хуманоста на Исус.

По неколку години, уметникот бил во потрага по модел кој ќе одговара на ликот на Јуда. Лик кој би бил олицетворение на предавството, завидливоста, злорадоста, лицемерието и сите темни човечки карактерни особини. Лутајќи по сокаците, здогледал еден гневен и агресивен бездомник во алкохолизирана состојба, со намрштени веѓи и видно разочаран од животот. Токму во неговиот лик Да Винчи го препознал својот Јуда. Кога го донел во трпезаријата на црквата Санта Марија Деле Грацие во Милано (каде што е насликана фреската), просјакот полека се отрезнил и ги препознал и местото и фреската. Тој му се обратил на уметникот: „Сум бил јас овде пред неколку години, кога уште не бев изгубил сè. Тогаш пеев во еден црковен хор, а животот ми беше безгрижен и исполнет со радост. Тогаш бев повикан да позирам како модел за лицето на Исус.“, одговорил бездомникот.

Наравоучение – Исус и Јуда се дел од нашата личност, нашето лице и опачина, светла и темна страна, сонце и месечина. Во нас живеат и добродетелот и предавникот. Додека трае животот, ќе трае и борбата помеѓу нив, и надежта дека ќе победи доброчинителството.

 

текст: Дана Сиљан

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *