Љубиме, посакуваме или сакаме? Љубовта е широкоприфатен апстрактен поим, кој во своето значење преживува вековно малтретирање во светски размери. Во унијата на она што го подразбираме како „љубов“ се состојат и негата, грижата, сочувствителноста, пожртвуваноста, разбирањето и почитта. Секс, водење љубов или потреба за размножување? Ретко кој ги разликува едно од друго, најчесто е микс и тешка каша-попара од хормонален хаос, кој да го немало, немаше да се врти тркалото на животот и смртта.

Темната страна на „љубовта“ ги содржи и стравот од напуштање, омразата, желбата за одмазда, посесивноста, потребата од реципроцитет во меѓусебните односи. Некој ќе каже дека тоа не е љубов, бидејќи ако е вистинска, таа е безусловна љубов.

Да ги појасниме поимите. Ако под безусловна љубов подразбираме давање на енергија без да се очекува благодарност или енергетска размена на слично ниво, тогаш зборуваме за човечност. Да се помага или инвестира енергија во друго живо битие е својство, карактеристика, должност (иако на многу не им е јасно) и привилегија на човекот, по што тој се разликува од останатите живи суштества. Но, тоа сепак не е љубов, туку е обврска и дисциплина да се биде човек.

Љубовта е сомнителен, безмислосно популаризиран и религиозно „измачуван“ поим, кој служи за општа и сенаменска манипулација. Работата на себе подразбира здраворазумски ангажман и инвестиција во стекнување на знаење и мудрост, втемелена врз себеанализи од секојдневни животни иксуства.

За крај, колку убиства во светската историја има во име на мудроста, а колку во име на љубовта?

 

текст: Дана Сиљан
фотографија: Елена Ставреска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *