Состојки (дозирано за две порции):
– 300 грама печурки по избор (шитаке, шампињони, вргањ и сл.)
– 200 грама зелена леќа
– Еден кромид
– Четири-пет чешниња лук
– 50 грама ѓумбир
– Три моркови
– Литар и 700 милилитри вода
– Една бујон-коцка по избор (говедски, пилешки или зеленчуков)
– Свежо нане или магдонос
– Сол и црн пипер
– Масло за јадење
– Брашно
– Црвен пипер
Подготовка:
Кромидот, лукот, ѓумбирот и морковите ги сечкаме на ситни коцки. Во тенџере на оган ги запржуваме десетина минути, а потоа додаваме исечкани ливчиња нане/магдонос, сол, црн пипер. Во оваа смеса ги додаваме и печурките, исечкани на ленти. Јас користев шитаке, но може било што: шампињони, вргањ, итн. По 5-6 минути ја додаваме и леќата, и таа да се пропржи околу пет минути, по што ја додаваме водата и коцката бујон (во мојот случај говедски бујон). Нека се вари на среден оган четириесетина минути. На крајот додаваме и запршка – во филџан ставаме една супена лажица брашно, пола кафено лажиче црвен пипер и малку вода, а потоа мешаме додека не добиеме кашеста текстура. Ја додаваме запршката во тенџерето и оставаме да крчка уште 5-10 минути.
Добар Апетит!
Подготовка на рецепт: Кирил Стоименов