Како долгогодишен учител по таи чи чуан и чест пешак низ градските улици, можам да забележам дека за разлика од порано сега има енормно повеќе млади луѓе со нарушена телесна статика, прекумерна телесна тежина и ‘рбетни деформитети. Ова е синдром на една паразитска здравствена култура, која се рефлектира врз сите сфери на општеството, од образование до екологија па дури и уметност.

Да почнеме од физичкото воспитание како најпотценуван предмет низ целиот образовен процес. Прво и основно што треба да се научи од спорт е пливање (а не двочекор, на пример), бидејќи пливањето е единствен спорт кој може да спаси живот. Освен тоа, најдобро го обликува телото, ја подобрува циркулацијата и развива терморегулација. Еве борбени вештини и не спомнувам, иако се многу важни за психофизичкиот развој особено за самодовербата.

Естетиката е подзаборавена комплетно, па така гледаме една крајност во која постои опсесија со физичкиот изглед и естетски корекции во недоглед и до непрепознатливост и другата крајност е прифаќање на згрбавеност и зголемена телесна тежина како дел од својот идентитет.

Каде се правилната грижа за себе и дисциплината?

Ниту мрзливата потрага по вечната младост ќе помогне, ниту очекувањето дека еден ден ‘рбетот сам ќе се исправи и ќе помине како настинка. А муабетот дека се прифаќаме и си се сакаме згрбавени и „елегантно пополнети“ исто така не поминува. Тоа што помага е активно психофизичко бавење со проблемот, што подразбира и стручна поддршка, со која не можеме да се пофалиме, чест на исклучоци.

Колку од стручните лица ќе го вратат клиентот кој направил безброј естетски интервенции на своето лице и тело, поради етички кодекс и поставување граници до каде е прифатливо, а од каде не е? Ја диференцираат ли мерката на нормалност и моментот кога е потребно психолошко советување? Веројатно таквите на прсти можат да се избројат. Ретки се и психолозите кои работат на своето тело. Повеќето немаат кредибилитет ниту да препознаат, ниту да му предложат на клиентот да се посвети на унапредување на физичката снага. Некои не ни знаат дека болките во ‘рбетот и вишокот на килограми и тоа како знаат да ги детерминираат психолошките процеси.

За да не го оставам текстот во песимистичка конотација, ќе предложам секој да проба да посака да старее во умот. За младиот ум има време за сѐ, младото тело има капацитет за разно разни бесмислени тормозења. Затоа стариот ум знае дека нема многу време за поправање на нештата, дека животот е минлив и дека здравјето, внатрешниот мир и личната благосостојба се најважни во животот. Доколку ги немаме, ги надополнуваме со непотребности кои ни го стареат телото пред време. Затоа, колку сме постари во умот, толку го подмладуваме телото.

 

текст: Дана Сиљан
фотографии: Елена Ставреска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *