Ова своеглаво, независно и слободољубиво крзнено битие, во себе носи прецизен енергетски компас, со кој се регулира и себе и блиската околина.

Науката го докажува она што добро го знаеле старите цивилизации, од Египет до Индија и Кина.
Да не ми се налути бандата што преферира кучиња, реалноста е дека низ историјата мачката е директен учесник во спасот на човечката раса. Мачкините реакции и звуци (кои се преку 100) се читање на јазикот на природата. Поконкретно, тие имаат вродена способност и сензор за инфразвучни бранови, кои се создаваат пред земјотрес, бура и други природни катастрофи. А за време на бубонската чума (XIV век), ловејќи глувци, директно влијаеле на спречување на пандемијата низ светот.

Мачката е енергетски детектор

Мачката е вистински скенер, детектор и лек за одредени здравствени нарушувања кај човекот.
Кинеската традиционална медицина потврдува дека секој што чува мачка си има свој регулатор на вишокот на јанг енергија во себе и во домот.

Ако фреквенцијата на предењето на мачката изнесува помеѓу 24 и 150 Hz (херци), тогаш таа има лековито влијание за побрз раст на коските, за што е потребна фреквенција од 25 до 50 Hz, како и за обнова и зајакнување на тетивите и муслулите, за што е потребна фреквенција од 100 до 150 Hz.

Познато е дека мачките дури 70 проценти од животот го поминуваат во спиење, па од нив може да заклучиме дека сонот придонесува за ревитализација, регенерација и репрограмирање на организмот.

Мачката како божество

Низ историјата, Египет ја позиционира мачката на божествен пиедестал, како свето животно, кое е главен чувар на благосостојбата во домот. Египетската божица Баст (Бастет) била претставена со глава на мачка и тело на жена, а нејзината улога била да го заштитува семејството од зли сили. Повредувањето (или убивањето) мачка било сметано за тешко злосторство и било најстрого казнувано. Во Тајланд мачките биле чувари на богатството и накитот на кралското семејство и биле погребувани со сите кралски почести.

Природниот зен на мачката

Набљудувајќи го нивниот телесен став на вазна и мирен поглед во една единствена точка, тибетантските мудреци заклучиле дека мачките имаат вроден талент за медитација. Да не заборавиме дека нивните елегантни движења и начин на борба, биле инспирација за многу источни боречки вештини.

Ден денес, во некои земји како Турција, Египет, Јапонија, Англија, Холандија, се препознаваат остатоци од некогашниот култ кон мачката, па низ нивните улици и сокачиња сретнуваме исклучиво добро нахранети и негувани мачки.

За крај, што би рекол Екарт Тол: „Сум живеел со неколки зен учители, сите беа мачки.“

 

текст: Дана Сиљан
фотографија: Hana Oliver (https://unsplash.com/@hanako87)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *