Зен Вештина

Учител наспроти тренер по боречка вештина

Учител наспроти тренер по боречка вештина

Во денешно време малкумина умеат да направат разлика помеѓу боречка вештина и боречки спорт, без разлика дали се само вежбачи/практиканти или учители/тренери.

Настанокот на боречките вештини се поврзува со потребата за заштита на одредена социјална група или општествен статус. Првенствено, практикувањето на боречка вештина било привилегија само за одбран круг на луѓе и било строго чувана тајна која се пренесувала во рамките на фамилијата или на посветените ученици.

Кодекс на честа

Покрај борбените текники, во рамките на подучувањето бил вклучен цел етички систем познат како КОДЕКС НА ОДНЕСУВАЊЕ или КОДЕКС НА ЧЕСТА. Кодексот на честа во денешно време се применува во клубот и вклучува почитување, чест, чесност, лојалност и сочувство како кон учителот така и меѓу учениците.

Во модерно време, со цел да се стекнат со популарност, боречките вештини се тренираат во спортски или поточно кажано натпреварувачки дух. Ова подразбира тренирање според предвидените правила за натпреварување, со што се случува премин на боречката вештина во боречки спорт, а при тоа доаѓа до губење на првобитните вредности на вештината.

Гладијаторство наспроти самодисциплина

Западниот систем на вредности го приоретизира и популаризира гладијаторството како начин на заработка и затоа има голем број на учители/тренери по боречки вештини кои не ја познаваат нивната философија и идеолошка позадина, единствено се насочени кон постигнување на спортски резултати. Кодексот на честа скоро и да не се споменува.

Но, во светот сè уште постојат учители по боречки вештини кои се придржуваат кон изворното традиционално учење. За нив подучувањето и практикувањето на боречката вештина не е само хоби, туку животна философија која подразбира почитување на КОДЕКСОТ НА ЧЕСТА. Нивната цел е да учествуваат во личниот развој на своите ученици и да им ги пренесат вистинските моралните вредности. Затоа секогаш ќе постои разлика помеѓу тренер и учител по боречки вештини.

текст: Сифу Предраг Петрески
фотографија: Горан Димов

Facebook Instagram