Зен Преглед

Примамливиот мит за мотивацијата

Знаеш ли некој близок што е доста успешен во некоја област – професија или хоби? Таквиот некој, интензивно работи на усовршување на своите вештини, на што неговите блиски ќе речат дека е неверојатно мотивиран.

Ова е еден од најголемите митови кога станува збор за вежбање или изучување на некоја вештина. Мотивацијата НЕМА секогаш да те придружува. Чувствата се променливи, тоа е нивниот пат. Без разлика дали се чувствуваш среќно или не, едно нешто ќе биде врзано за твоето вежбање на било која вештина – дисциплината.

Вежбањето мора да го претвориш во навика. Нешто што го правиш без разлика како се чувствуваш. Дисциплината никогаш не оди против твоите чувства, таа ти дозволува потполна емоционална слобода. Сепак, те држи на патот на напредокот.

„Сакам веднаш!“ – болеста на современиот човек

На нашите тренинзи, покрај возрасните, поминуваат многу млади момци и девојки, желни да ја изучат техниката, желни да го зајакнат телото. Почнуваат со голема мотивација, сакаат да напредуваат многу брзо, без да посветат време и енергија на базичните техники. А бидејќи една прогресија не може да се случи без претходната, лесно се демотивираат или откажуваат.

Ова се должи на современиот маркетинг концепт, кој нуди брзо и надуено задоволување на нашите желби и потреби. Со други зборови, го нуди полесниот пат до напредокот. Тука се вклучени различните суплементи за изградба на телото, стимуланси за подобра работа на умот, современи методи на тренинг и слично. Но сепак, реалноста е поинаква. Ништо друго освен напорна работа нема да ти помогне да совладаш кунг фу. Тоа значи дека треба да вложиш време, а ако вложиш и фокусирана енергија, веќе го јакнеш и умот.

Традиционалниот начин на тренинг ќе го сретнеш во многу боречки вештини. Тој од тебе бара само време, фокус и работа. И никогаш не ти дава НИШТО повеќе од она што си го заслужил/а. А заслуженото, НИКОЈ не може да ти го одземе.

 

 

текст: Сифу Предраг Петрески

кавер фотографија: Елена Ставреска

фотографија: Горан Димов

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *