Зен Преглед

Современата наука и ориенталните филозофски концепти

Во денешно време, се посилна е врската помеѓу современата медицина и наука, ориенталните филозофски и духовни практики и борбени вештини. Почна да се губи стигмата која постоеше и ги правеше спротиставени овие два концепти, а коишто сепак имаат заедничка цел во постигнување општествен благодет преку индивидуална благосостојба.

Неодамнешната одлука на Универзитетот Харвард, долгогодишна водечка светска научна установа, само го потврди овој спој на ориентални техники со вековна традиција и достигнувањата на современата неврологија и невропсихијатрија. Харвард инвестираше 25 милиони долари во установа во рамките на Универзитетот што ќе се посвети на техники за самосвест и присутност овде и сега, и техники за медитација со цел проучување и практикување на постоечките, како и развивање на нови техники за психо-физичкa внатрешна врамнотеженостсо цел подобрување на менталното здравје кај луѓето.

Ова секако е последица на сѐ побројните научни студии и истражувања кои го потврдија позитивното влијание на овие источно азиски вештини и филозофски концепти пред сѐ врз менталното здравје на луѓето. Истите се докажаа како техники за ослобоување од стрес и справување со предизвици како што се анксизноста и депресијата. И многу повеќе од тоа покажувајќи позитивни резултати на краток и среден рок кај пациенти со болести како артиритис, срцеви и малигни заболувања. Сѐ поголем е бројот на клиники, училишта и установи што ги применуваат овие вештини во своите редовни програми.

 

Исто така, постојат голем број на популарни поткасти, со милионска гледаност, кои постојано ги промовираат бенефитите од источните практики како медитацијата, јогата, таи чи чуанот итн. Би го спомнал Др. Сем Харис, невролог со докторат од Стенфорд и џиу џицу мајстор, којшто има развивиено сопствена програма за медитација што ја утврдува хаотичноста на човековата мисла и неможноста на современата наука да направи прецизни мерења за настанокот на мислата и детално дефинирање на човековата свест и потсвест. Во таква ситуација, тој нуди техники кои преку ментален тренинг ќе ни овозможат присутност во сегашниот момент и ќе не поштедат од негативно доживување на искуствата од хаотичното секојдневие што често ни предизвикува страдање.

Др. Роберт Мек Ги, како научник, но и шампион во неколку борбени вештини како таи чи, кунг фу, теквондо и џиу џицу, прави колекција на научни студии кои го потврдиле позитивниот ефект на практикувањето на таи чи кај луѓе со разни заболувања, препорачувајќи го како алатка за личен раст и развој.

Како некој кој вежбал активно карате 12 години во раната младост и кој во моментот е посветен на таи чи, би го споделил моето лично искуство со овие дисциплини. Иако оваа Кинеска филозофија и борбена вештина ја практикувам релативно кратко (нешто повеќе од една година) сепак мојот личен бенефит од тренинзите по таи чи е неспорен. Брановидните и синхронизирани форми со акцент на дишењето ми помагаат за забавување на мојот експлозивен темперамент. Ми помага за подобрување на фокусот преку балансирање на умот и телото и постигнување на внатрешна смиреност. После секој тренинг таа смиреност и фокус се особено изразени. Исто така работата во група дава посебно задоволство и размена на енергија и искуства со колеги со слични животни погледи. За моја среќа, Феи Лонг Таи Чи клубот во Скопје постои повеќе години и има изградено одличен концепт на тренинзи кои вкрстуваат елементи од неколку таи чи стилови како и други борбени вештини. Тренинзите што се три пати недело се одлична можност за псхофизичка гимнастика и енергетско вентилирање.

На крајот би го парафразирал Новак Ѓоковиќ: “Пробајте да ја пронајдете сопствената добитна комбинација и она што ви носи благодет и држете се силно до тоа”. Среќно!

 

Текст: Јован Шоповски (карате I дан) Универзитетски професор по деловно право и академско пишување
Кавер фотографија: Valeriy Ryasnyanskiy: https://www.pexels.com/photo/majestic-sunset-sky-over-big-buddha-statue-3840191/

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *