Зен Вештина

Стилови и потекло на Таи Чи Чуанот

Како за почеток, ајде малку историја. Таи Чи Чуанот е дел од трите, да се изразиме така, најмеки кинески боречки вештини. Тие се Xing Yi Chuan, Ba Gua Zhang и Tai Chi Chuan (Taijiguan), за која се смета дека е една од најљубоморно чуваните тајни на кинеските мајстори по боречки вештини.

Корените на оваа вештина датираат уште пред 2000 години, кога самата вештина заземала форма на еден засебен систем на тренирање. Но, големиот таоистички мудрец Чанг Сенг Фенг, гледајќи ја борбата помеѓу жеравот и змијата, систематизирал 13 основни движења во Таи Чи Чуанот. Она што може да се издвои како основен принцип на Таи Чи Чуанот, како борбена и медитативна техника, е воспоставувањето превласт на психофизичката флексибилност над ригидноста, како и исполнување со квалитетна енергија со помош на минимални движења со телото.

Според преданието, Чанг Сенг Фенг, воодушевен од борбата помеѓу жеравот и змијата, користејќи ги и веќе постоечките знаења, создал движења кои апликативно наликуваат на оние кои ги прават ждралот и змијата. Подоцна вештината се вежба во целосна тајност, за потоа да биде пренесувана од генерација на генерација во семејството Чен, и тоа најмногу како вештина која има практична употреба во борба. Подоцна, по игра на некоја случајност, во тајната вештина бил упатен и Јанг Лу Чан, кој во неа внесува и нови елементи и ја модифицира врз основа на претходно стекнатите знаења. Набрзо по демонстрирањето на новата вештина во тогашниот двор, која била позната како мек бокс, таа го добива нејзиното денешно име.

Таи Чи е врвен принцип на постоењето, а Чуан е врховна тупаница

Самиот термин Таи Чи Чуан се состои од два дела – Таи Чи и Чуан. Таи Чи е врвен принцип на самото постоење, чие суштинско значење се содржи во симболичниот визуелен приказ на двете контрасни енергии Јин и Јанг, кои меѓусебно се надополнуваат тежнеејќи кон постигнување на совршената врамнотеженост.

Чуан ја претставува борбената компонента и во превод значи тупаница или врвен ултимативен бокс, со што се нагласува и борбената димензија на Таи Чи Чуанот.

Вештината се пренесува исклучиво во рамките на семејството, сè до почетокот на 20 век, кога големиот мајстор по стилот Јанг, Ченг Фу, инаку внук на Јанг Лу Чан, го популаризирал стилот Тигар, познат и како студентски или надворешен стил. Од тогаш вештината која била вешто сокривана од јавноста станува достапна за сите.

Познати стилови во Таи Чи Чуанот се: Ву(Wu), Ву/Хао (Wu/Hao) и Сан (Sun). Како што интересот за оваа вештина растел, така настапило и соочување со повеќе видови проблеми и сето тоа придонело Таи Чи Чуанот да добие и нов облик и значење кое се разликува од првобитното. Така, самата подготовка за борба, техниките за смирување на умот и телото, подобрувањето и одржувањето на виталната сила, протокот на Чи во крвта и вежбите за концентрација стануваат сè поголема потреба на луѓето. Со текот на времето и со промените на светско ниво, човекот сфаќа дека најдобрата можна инвестиција е инвестицијата во своето здравје, па така голораките борби и борбите со меч стануваат само дел од рекреативниот тренинг по Таи Чи Чуан.

Подоцна развојот на вештината е проследен со процесот на стандардизирање на нејзините форми. Една од најпознатите форми е таканаречената 42, која е дериват од 4 стилови на Таи Чи Чуан, и тоа Јанг, Чен, Ву и Сан.

 

Текст: Дана Сиљан

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *