Зен приказна

За потценувањето

Си бил некогаш некој чамџија, во едно село. Бил сиромав и неписмен. Секој ден пловел со својот чамец од утро до мрак, да заработи за корка леб.

Како и секое лето, така и тогаш, чамџијата седел на брегот од реката, чекајќи патници за превезување. По некое време наишол еден научник кој сакал да ја премине реката и седнал во чамецот. Чамџијата вешто започнал со пловидба. Дувал пријатен ветрец, реката милозвучно шумолела, а стотици галеби кружеле наоколу.

Научникот бил многу расположен. Исто така бил и многу горд на своето знаење. Почнал да му раскажува на чамџијата за сите книги кои ги имал прочитано. Набројувајќи му неколку наслови на книги, тој го запрашал чамџијата – „Еј, имаш ли прочитано некоја од овие книги?“ „Господине, јас сум само обичен чамџија. Не сум образован, не знам да читам, неписмен сум.“, му одговорил чамџијата. Кога го чул тоа, научникот многу се изненадил и рекол – „Што? Неписмен си?! Не знаеш да читаш?! Тогаш една четвртина од твојот живот е залудно потрошена. Каква штета!“ Слушајќи го ова, чамџијата се почувствувал лошо. Но, што можел да направи… Си продолжил смирено да го управува чамецот.

По некое време, научникот повторно го запрашал – „Еј, а знаеш ли нешто за ѕвездите, за соѕвездијата? Знаеш ли астрономија?“ Чамџијата засрамено му одговорил – „Не господине, не знам астрономија.“ Од овој одговор научникот повторно се запрепастил и го прекорил – „Што? Не знаеш астрономија?! Тогаш една половина од твојот живот е залудно потрошена. Каква штета!“ На чамџијата му било тешко поради овие зборови на научникот, но и понатаму молчел и си ја терал работата. Чамецот и понатаму пловел, а научникот и понатаму уживал.

По кратко молчење, научникот по трет пат ја прекинал тишината и прашал – „Добро, а знаеш ли нешто за овие дрвја наоколу? Имаш ли познавања од ботаника?“ Чамџијата, веќе очаен, одговорил – „Господине, јас сум само обичен чамџија. Не знам што е тоа ботаника.“ На ова научникот повторно вчудоневидено извикал – „Што? Не знаеш што е ботаника?! Тогаш три четвртини од твојот живот се залудно потрошени. Каква штета!“ Чамџијата повторно се почувствувал понижено, но немал друг избор, освен беспомошно да гледа во научникот. Тој длабоко се замислил и за момент изгубил концентрација.

Тогаш чамецот се наоѓал среде реката. Одеднаш се судрил со голема подводна карпа. Се отворила голема пукнатина на дното и водата од реката почнала да навлегува внатре. Уште пред научникот да се освести и да сфати што се случило, чамџијата го запрашал – „Господине, знаете ли да пливате?“ На ова прашање научникот се успаничил и прашал – „Не, не знам да пливам, но зошто ме прашуваш?“ Чамџијата се поднасмевнал и рекол – „Господине, не знаете да пливате?! Тогаш целиот Ваш живот ќе биде залудно потрошен, бидејќи овој чамец набрзо ќе потоне на дното од реката!“ Дури да трепнат, чамецот се превртел и научникот почнал да се дави во водата. Тој на сиот глас викал и молел за помош. Чамџијата го спасил и го донесол до брегот.

Така гордоста на научникот била целосно скршена. Тој конечно сфатил дека човек не смее никогаш да ги потценува другите.

 

 

избор на приказна: Елена Ставреска

фотографија: Moussa Idrissi: https://www.pexels.com/photo/man-rowing-boat-on-body-of-water-9130441/

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *