Зен Рецепт

Салата Зелена Божица

Салатите се есенцијален прилог на секој избалансиран оброк, а понекогаш можат да бидат и толку хранливи, содржајни и вкусни, што и самите тие играат улога на главен оброк. Една таква салата ви презентираме во Зен Рецепт – едноставна и брза за подготовка, веганска, хранлива и магично вкусна.

Рецептот за оваа салата, која го носи прекрасното име Зелена Божица (Green Goddess salad), стекна огромна Интернет популарност во изминатава 2022 година, со дури 22 милиони прегледи на TikTok. Креаторот на овој рецепт, Baked by Melissa (https://www.bakedbymelissa.com/), објаснува дека убавината на рецептот е во тоа што е адаптибилен – секој може да си додаде, одземе или замени некоја од состојките, за да го добие вкусот што најмногу му се допаѓа. На пример, покрај основните состојки, може да се додаде авокадо, нутритивен квасец, лута пиперка, или пак наместо магдонос да се стави босилек. Складирана во фрижидер, салатата може да трае и до 7 дена, но секако, најдобро е соодветно да си ја дозираме количината на состојките според нашите потреби и да ја јадеме свежа, штотуку направена.

@feilongtaichi

Зелената божица на денешното мени. (Green goddess salad recipe) #veganrecipes #healthfood #zenordinacija #proteinsalad #proteinsaladrecipe #greensaladrecipe #greensalad #cabbagesaladrecipe #healthysaladrecipes #salad

♬ Treat Her Right – Roy Head & The Traits

Да ги наброиме потребните состојки:

За салата:
– 1/3 средно голема зелена зелка
– 1/2 краставица
– 2 млади кромитчиња

За прелив:
– 1 китка магдонос
– 50-70 g индиски ореви
– 1 чешне лук
– 1 лимон
– 1 супена лажица маџун или јаворов сируп
– 1 супена лажица маслиново масло
– 1 кафено лажиче сол

Постапка:

Зелката, краставицата и кромидот ги сецкаме на парчиња, ги ставаме во поголем сад и ги промешуваме. Потоа, магдоносот, индиските ореви и лукот ги ставаме во блендер, го додаваме лимоновиот сок, маџунот, маслиновото масло и солта и блендираме додека смесата не се соедини и не добие мазна, кремаста текстура. Овој кремаст прелив го додаваме во садот со салатата и мешаме сѐ додека таа целосно не се изедначи.

Оваа салата одлично оди во комбинација со чипс, ориз или пак крцкав, препечен леб.
Добар апетит!

 

Подготовка, видео и фотографија: Елена Ставреска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *