Зен Преглед

Даниела Миовска – „Кундалини јогата е јога на свесноста – ни овозможува да ја искусиме сопствената душа“

Овој пат, во Зен Преглед, се дружиме со Даниела Миовска, сертифициран јога инструктор.

 

– Што претставува кундалини јогата?

 

– Самиот термин јога означува единство – спојување на телото, умот и душата во едно. Нашето постоење во човечка форма е манифестација на умот, телото и душата во едно, но не само тоа. Она што нè одвојува од останатиот жив свет е свесноста. Свесноста за нашето постоење – што и кој/а сум јас. Кундалини јогата е јога на свесноста – алатка која ни овозможува да ја искусиме сопствената душа. Преку прецизно и свесно комбинирање на техники на дишење; движења на телото; сет од вежби или крии, кои се изведуват во точно одредени временски интервали и на точно одреден начин; положби и поставувања на дланките – мудри; мантрање и медитација, ги балансираме енергиите во телото и ги прочистуваме енергетските блокади, овозможувајќи слободен проток на енергијата. Исто така ја подобруваме циркулацијата и го зајакнуваме нервниот систем, како и физичкото тело. Сето ова овозможува будење и активирање на животната кундалини енергија, која ја има во секој од нас. Секој тип на јога дејствува на будењето на оваа енергија, која лежи во коренот на ’рбетот, со таа разлика што во кундалини јогата фокусот е целосно на будењето на оваа енергија и уште на првиот час, при првото искуство со овој тип на јога, практикантите стануваат свесни за животната енергија што ја носат во себе. Со освестувањето на оваа енергија, всушност стануваме свесни и за себе, за она што навистина сме. Позади сите маски и наметнати улоги, постепено ја откриваме својата вистинска суштина, дозволувајќи си сè повеќе и повеќе да ја покажуваме и живееме сопствената автентичност. Кундалини јогата за мене е огледалото пред кое застануваш и дел по дел се разголуваш, дури не се препознаеш, спознаеш  и гушнеш целосно со сите свои квалитети и недостатоци.

 

 

– Кои се најчестите очекувања на практикантите од оваа дисциплина?

 

– Генерално, од сите видови на јога, практикантите очекуваат здобивање со флексибилност на телото, добра физичка форма и смирување на умот, стишување, отпуштање на стресот. Од кундалини јогата очекуваат нешто ново, со оглед на тоа што кај нас е понов тип на јога, можеби по малку и мистичен, па поради тоа има и луѓе кои се плашат, најверојатно затоа што ја антиципираат промената која вежбањето може да ја донесе. Јас лично немав никакви очекувања кога почнав, сакав само да ја искусам, па и до ден денес, секое утро кога седнувам на мат (подлогата за вежбање), немам очекувања, за мене најважно е седнувањето сам со себе и запознавањето на уште еден дел од себе.

 

– Кои се благодетите на кундалини јогата на патот кон себеспознанието?

 

Оваа пракса носи многу благодети освен подобрувањето на психичко-физичката состојба на телото и зајакнувањето на нервниот систем, како и балансирањето на енергиите, кундалини јогата овозможува увид и запознавање со сите аспекти на сопствената душа, ни помага да се видиме себеси од аспект на набљудувач, кој стрпливо и од сите страни разгледува, допира, соголува, опипува и прифаќа сè што манифестираме. Можеби и токму затоа некому може да му делува страшно. Живееме во време на играње улоги и носење маски, на кои општеството нè учи и ни ги наметнува за да сме прифатени. Секојдневието ни е брзо и со набиени обврски и планови и не ни оставанува доволно време да се видиме свесно. Застанувањето и седнувањето со себе е одговорна работа, не е секој спремен да си ги отвори картите пред себе и да се види без илузии. Најголемиот благодет на кундалини јогата е што нè носи сè подлабоко и подлабоко во себе, дури не се видиме во својата автентична, природна форма, дури не се запознаеме себеси онакви какви што навистина сме.

 

 

– За крај, кажете ни нешто повеќе за Вашата јога пракса и едукација?

 

Мојот прв јога час беше час по интегрална јога кај Лилјана Пленц, во 2013 година, а првичната намерата ми беше само да пробам, да видам зошто толку сите зборуваат за јога, да си дадам шанса, бидејќи бев скептик. После првото запознавање со јогата, знаев дека таа е дел од мене. По редовната пракса од неколку години, во 2017 година се запишав на мојата прва обука за јога инструктори, кај Неда Коцаре, во Јога Студио Инсајд. Оваа обука ми даде корени, ме застана на нозе и ми покажа што сè може моето тело, колку сила и флексибилност може да даде, само ако му се посветам. Потоа следуваше обука по јин јога, во Јога Центар Садана, во 2019 година, кај Марија. Во 2021 година, во екот на корона кризата, почнав со кундалини часови онлајн, кај Ивана Батев и од првиот час знаев дека е неминовна уште една обука. Кундалини јога левел 1 обука завршив во Босна, предводена од Нирмал Синг и Санда Мешиновиќ. Благодарна сум на сите мои учители/учителки за сето знаење што ми го дадоа и што ми овозможија да чекорам на патот на себеспознанието.

Подготовка: Дана Сиљан

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *