Во организмот на човекот енергијата Чи циркулира низ таканаречени меридијани (канали). Во кинеската алтернативна медицина тоа е така дефинирано. Вежбите во Чи Гонгот и формите на Таи Чи Чуанот ги опфаќаат овие меридијани и секоја од нив има јасна наменска цел, а тоа е проток на квалитетна Чи енергија.
Секој меридијан е поврзан со определен орган или со извесен дел од него, но за меридијанската поставеност не постои анатомски приказ, затоа што ваквата перцепција за медицината за западниот свет е помалку разбирлива. Практичното поврзување на меридијанскиот систем со анатомијата на човекот е невозможно, што не значи дека потеклото на ова учење, земајќи го предвид тоа дека корените му се навистина дамнешни, треба да се согледува како мистично или екстравагантно, затоа што источните лекари со негова примена успевале и сè уште успеваат да постигнат врвни резултати, неретко и во борбата со тешки заболувања.
Во организмот, Чи енергијата е примарна, крвта е секударна
Древните медитативни техники се неизоставен дел од целата оваа приказна, бидејќи тие ја претставуваат суштината на превенцијата од заболувања и на одржувањето квалитетно психофизичко здравје и виталност. Таи Чи Чуанот и Чи Гонгот овозоможуваат побрз проток на Чи низ организмот и поефикасно содејство на Чи со ткивата, а особено со крвта.
Еден древен кинески лекар, Хуа То, има кажано „Чистиот воздух кој го вдишуваме ја стимулира и ја храни крвта, а таа се разнесува по целото тело хранејќи го и со тоа спречува појава на болест “. Според кинеската медицина, Чи има примарна улога во виталните активности на организмот, додека улогата на крвта е секундарна. Чи циркулира од меридијанот на белите дробови, бидејќи на тој начин човекот воспоставува контакт со најважниот извор на енергијата, а тоа е природата. Затоа и овие древни медитативни вештини најчесто се вежбаат во природа. Имено, наутро парковите во Кина се преполни со луѓе кои ги изведуваат лесните и флуидни движења кои се главна карактеристика на Таи Чи Чуанот и на Чи Гонгот.
Текст: Дана Сиљан