Зен Вештина

„Ossu!“ Значење и употреба

Се спомeнуваат две теории.

Првата теорија е на Dr. Mizutani Osamu, професор –лингвист на универзитетот во Нагоја. Значајно е неговото дело „Japanese: The spoken language in Japanese Life“, каде зборува (во случајов) за експеримент со повратните поздрави. Тој заклучил дека „Оssu“ можно е да е скратена форма на формалното изразување „Оhayo gozaimasu“, кое што значи „многу е рано“ и во Јапонија редовно се употребува како поим за „добро утро“. Mizutani смета дека „Оssu“ e груба форма која се употребува само помеѓу машки лица. „Ohayo“ e повеќе позната форма која се употребува помеѓу соседи и другари. „Ohayossu“ или „Ohaуoosu“ e повеќе машко изразување. „Ossu“ e грубо, сурово изразување на машкиот пол. Употребуван е главно од млади луѓе и од оние кои заедно учествуваат во физички активности. Овој збор не го употребуваат жени, освен ако лицата од женски пол рамноправно не учествуваат во физичката активност.

Втората теорија доаѓа од хиероглифот (канџи) кој се употребува за да се напише овој збор на Јапонски јазик (постојат два). Првиот значи „турка“. Го симболизира боречкиот дух, важноста на трудот, давање насока на позитивно и примерно однесување. Вториот хиероглиф означува поим за „shinobi“, што значи „скриено“. Се употребува за истакнување на духот на храброста, духот на упорноста и отпорноста на повлекување! Ваквиот начин на изразување најпрво се појавува на воените академии на Кралската Морнарица на Јапонија во почетокот на 20 век, а подоцна редовно се употребува и помеѓу практикантите на Карате. Овде станува збор за потенцирање на „суровата“ машка пророда на зборот. Не треба да се заборави дека „Shotokan“ и другите стилови на карате, се развија во оној период кога Јапонија милитаристички премногу брзо се развиваше.

Исто тка треба да се спомене дека „Оnegaishimasu“ е уште еден збор кој што може да се поврзе со „Ossu“. „Оnegaishimasu“ е учтив начин да се изрази молба за нешто, или во некој случај, извинување. Во многу случаи, во Јапонија е употребуван наместо „Оssu“. Треба да се внимава и на правилното изговарање на „Ossu“. Јапонците „u“ го изговараат многу тивко, но не е задолжително да се нагласи. Неколку начини на изговарање од страна на западњаците: „Оossu“; „Оssu“; „Оhsu“; „Oh-ss“.

„Ossu“ првенствено е поздрав помеѓу личности.

Овој поздрав не се користи за поздравување на празна сала, при влегување или излегување. Не се изговара пред започнување на ката. Не значи „разбирам“ (тука се употребува „Hai“ или „Оnegaishimasu“). Како што споменав погоре, овој израз е исклучиво од машка природа и се употребува при физичките активности. Женските личности го употребуват доколку се вклучени во истите, надвор од нив не се поздравуваат. Исто така не се употребува за поздравување на странци. „Ossu“ е изразување во рамките на една група или друштво, па затоа е непријатно и неучтиво да се употребува надвор од нив. Исто така е неучтиво да се употребува како израз кон оние личности со кои имате дистанцирана, но љубезна врска.

Денеска „Ossu“ е премногу важен за градење на „espirit de corps“. Тоа е она чувство кога знаете дека сте дел од еден добар тим, од една добра екипа, каде сите се почитуваат и меѓусебно си веруваат. Каде знаете дека секој би се жртвувал за секого. Ако лидерот на тимот успее да изгради „espirit de corps“ внатре, во рамките на тимот, тогаш за тој тим шансите за успех стануваат сѐ поголеми и поголеми.

 
 

Текст: Ѓоко Томоски (карате IV дан, аикидо I дан, кендо II дан)
Претседател и главен инструктор на Шотокан карате клуб ФУДОШИН – Охрид
Претседател и главен инструктор на Аикидо школа МУШИН – Охрид

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *