Зен Вештина

Сенсеи Дамјан Цингарски – за аикидото и за претстојниот семинар во Скопје

Сенсеи Дамјан Цингарски е роден во Скопје, дипломиран архитект на Архитектонскиот факултет во Скопје. Со аикидо почнува да се занимава во 2000 година, на свои 22 години. Носител е на 4-ти Дан мајсторски степен во аикидо вештината, а неговиот клуб Хенбо постои од 2005 година. Веќе наредната година (2006), заедно со своите ученици, ја основа и Македонската Аикидо Федерација – Аикикаи Македонија, која во јули 2020 доби и официјално признавање од Светскиот аикидо центар во Токио, и засега е единствената организација во Македонија која официјално и формално сама може да дава степени кои се признаени во целиот аикидо свет.

– Претходно не сум изучувал друга боречка вештина, но аматерски сум се занимавал со спорт, атлетика (скок во далечина) во основно училиште и со кошарка во средно. Интерес за боречките вештини кај мене постоеше „од мали нозе“, но не се реализираше со практично изучување. Започнав да тренирам во Маруи, скопски клуб за реално аикидо (српска варијанта на истата боречка вештина, но различна со изворното аикидо) по сугестија на мој братучед. По две години посветено вежбање и посета на семинари во Македонија и Србија, решив да видам што е тоа аикидо, разбирајќи дека постои некаква разлика помеѓу тоа „јапонското“ и она „српското“, што до тој момент го вежбав.

 

 

Одлуката за вежбање изворно аикидо ја донесов веднаш после првиот тренинг кај учителот Кваранта

– Првиот контакт со изворното јапонско аикидо го имав во Нови Сад, каде што посетив семинар што беше воден од учителот Микеле Кваранта (Michele Quaranta) од Базел, Швајцарија, кој во Србија ја продолжи линијата на подучување што ја воспостави јапонскиот учител Масатоми Икеда (Masatomi Ikeda). Впечатокот од тој прв семинар беше толку голем и силен, што одлуката да се престане со вежбање реално аикидо и да се почне, практично од почеток, со вежбање изворно аикидо, ја донесов уште таму, после првиот тренинг. Многупати сум го кажувал тоа, бидејќи се потврдува одново и одново низ годините, дека имав огромна среќа што тој прв контакт со изворното аикидо беше токму преку учителот Кваранта, кој до ден денес го сметам за свој учител и од кого имам научено практично сѐ што се однесува на вештината аикидо, но и повеќе работи за животот општо. Кваранта е човек кој вистински ја заслужува титулата учител. Споредувајќи го со сите други учители што сум имал прилика да ги видам и да учам од нив, а сум видел многумина, тој се издвојува по многу нешта. Всушност, веројатно е поточно да речам дека на мојата личност и начин на разбирање, компатибилни се и потполно соодветни се сите карактеристики на Кваранта сенсеи, во смисла на методолошкиот пристап во предавањето, но и на неговите општи човечки одлики.

Имам посетено точно 157 семинари, а самиот имам одржано вкупно 17

– Продолжив со вежбање станувајќи член на Српската аикидо федерација, за да можам официјално да полагам за степени, а посетувајќи ги сите семинари што Кваранта сенсеи ги држеше во Србија, Хрватска, Бугарија, Словачка, Чешка, Австрија, Швајцарија… Половина Европа ја имам пропатувано преку аикидо семинарите, а стигнав и до САД и два пати до Јапонија, во центарот на аикидо светот – Аикикаи Хомбу Доџо во Токио. Се разбира, имам посетено многу семинари и со други учители. Некои од нив се вистински аикидо легенди, како на пример Хироши Тада сенсеи, Јошимицу Јамада сенсеи, Јоџи Фуџимото сенсеи, или Кристијан Тисие сенсеи, и многу други. Водам прецизна евиденција за посетените семинари, па еве, до овој момент имам посетено точно 157 семинари, а самиот имам одржано вкупно 17, кај нас и во други земји.

 

 

Во што се состои специфичноста на изворното аикидо

– Аикидо е боречка вештина што нема спортски карактер, т.е. нема систем на натпревари каде што двајца би се бореле и би се определувале победници и победени. Причините за ова се главно две:

  1. Идејата со која основачот О-сенсеи Морихеј Уешиба (Morihei Ueshiba) ја создал аикидо вештината, е при борба да не се повредува никој, ниту напаѓачот, ниту нападнатиот. Затоа, често за аикидо се вели дека е само за самоодбрана, иако ова не е во потполност точно, имајќи предвид дека за да учиш да се бориш мора да ги запознаеш подеднакво и напаѓачкиот и одбранбениот дел.
  2.  Ако некако и се занемари првата причина, останува фактот дека доколку би се направил систем на натпревари се подразбира дека ќе мора да се определат правила за тоа што е дозволено и што не е дозволено, со цел да не се случуваат сериозни повреди, слично како и во сите други боречки спортови. Ова би го нарушило карактерот на подучувањето и вежбањето, каде што се претпоставува дека борбата е вистинска и дека сите витални точки на телото мора да бидат заштитени за времетраењето на примена на определена техника или зафат.

Како краен резултат, вештината добива форма на „танц“, слично како и кај кинеската вештина таи чи чуан, каде што енергијата со пренасочување се прелева помеѓу двајцата кои вежбаат, за конечно да се дојде до мирно и безопасно решавање на претпоставениот конфликт, во кој не постои победник и победен. Напротив, резултатот се две личности – надградени во своите знаења и во своите искуства. Ова е основната и најкарактеристична разлика на аикидото со другите источни боречки вештини.

Семинарска програма за претстојниот семинар во Скопје

– Викендов, во нашиот клуб, ќе се одржи семинар што ќе се состои од три тренинга, два во сабота (17.12.2022) и еден во недела (18.12.2022), како и полагање за ученички и мајсторски степени, со следниот распоред:

Сабота:
11:00 – 13:00 – прв тренинг (Дамјан Цингарски)
13:30 – 14:30 – ручек во сала за сите учесници
15:30 – 17:00 – втор тренинг (Дамјан Цингарски)
17:15 – 18:30 – полагање

Недела:
11:00 – 13:00 – трет тренинг (учител од Србија – изненадување)

На семинарот вообичаено присуствуваат практиканти на аикидо вештината, од земјава и странство, но е отворен за учество и за секој што е заинтересиран и сака да се обиде да вежба.
За учество потребна е регистрација на: https://forms.gle/xwuAtXfpZSa1LzuGA
Место на одржување: Спортската сала на ООУ Песталоци – адреса: ул. Апостол Гусларот бр. 3, Скопје.

 

Подготовка: Дана Сиљан

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *