Си било еднаш едно момче, во едно село на далечниот Исток. Имало многу лоша навика – никако не можело да заборави на лошите работи од минатото. Секојпат, одново ги мислело и премислувало истите животни згоди и незгоди. Кога некој ќе се замерел со него, или пак кога ќе му се случело нешто лошо, тој по цели денови размислувал за немилиот настан. Поради ова, момчето станало многу гневно, постојано колнејќи ја својата лоша судбина и лутејќи му се на Бог. Истовремено посакувало и да им се одмазди на сите оние кои некогаш му згрешиле нешто. Така момчето ги изгубило речиси сите свои пријатели, не стоејќи добро со никого. Од претерано размислување, не можело да си ги извршува дури ни сопствените работни обврски. Постојано било во состојба на вознемиреност и ментална напнатост.
Еден од малкутемина негови пријатели, сакајќи да му помогне, го посоветувал момчето да појде во будистичкиот манастир, во близина на селото и да му се обрати на зен учителот, кој живеел таму: „Појди кај него, тој сигурно ќе ти даде некое решение за мислите што те измачуваат.“ За среќа, момчето го послушало пријателот, отишло кај зен учителот и му раскажало сè за својот проблем – за тоа како постојано ги врти низ глава истите животни ситуации, не можејќи да заборави на лошите работи од минатото. Зен учителот внимателно го ислушал и без да му даде одговор, станал и си влегол во манастирот. Момчето било изненадено и затечено од оваа негова постапка, но сепак одлучило стрпливо да почека.
По некое време, зен учителот се вратил, држејќи чаша вода в рака. Застанал пред момчето, а и момчето се исправило пред него. Тогаш учителот ја испружил раката во која ја држел чашата и го запрашал: „Кажи ми момче, колку тежи оваа чаша вода?“ А момчето му одговорило: „Не можам точно да проценам, но би рекол дека тежи многу малку.“ На тоа учителот возвратил: „Во ред. А сега кажи ми што ќе се случи ако ја држам чашава вака, една минута?“ „Па, ништо нема да се случи.“, одговорило момчето. „Во ред.“, рече улителот, „А што ако продолжам да ја држам чашава еден час?“ „Тогаш, учителу, ќе почне да Ве боли и дланката и раката.“, рекло момчето. На ова учителот одговорил со уште едно прашање: „Добро. А сега момче, одговори ми, што ќе се случи ако оваа чаша вода ја држам в рака цел еден ден?“ Момчето, без двоумење, одговорило: „Учителу, тогаш целата рака ќе Ви се вкочани. Мускулите толку многу ќе Ви се згрчат, што ќе треба да одите во болница.“ Учителот повторно запрашал: „Така, така, но дали тежината на чашата се менува, додека поминува времето?“ „Не, учителу. Тежината на чашата останува иста.“, решително одговорило момчето. „Тогаш, зошто болката во дланката, во раката, во мускулите, би се зголемувала сè повеќе и повеќе?“ На ова прашање од учителот, момчето замолчело. „Што би требало да направам за да се ослободам од болката, момче?“ „Само треба да ја оставите чашата, учителу.“ „Токму така! Тоа сакав да го чујам.“, задоволно рекол учителот, ја оставил чашата и дообјаснил: „Гледаш синко, и животните борби и искушенија се такви – ако сè уште те мачат вчерашните проблеми, тогаш биди сигурен дека е крајно време да ја ‘оставиш чашата’.“
избор на приказна: Дана Сиљан
фотографија: cottonbro studio: https://www.pexels.com/photo/a-monk-wearing-a-red-robe-sitting-on-rock-holding-a-bowl-5415957/