Зен Преглед

„Древната војна со стресот“ – биопсихосоцијален тоталитет

Книгата „Древната војна со стресот“ е интересно и мултиспектно четиво кое се одликува со добар баланс помеѓу она што значи научно и стручно сознание и она што се нарекува спорт, спортска вештина, практика за телото.

Авторката, низ еден постојано флуиден тек, каков што е впрочем и самиот Таи Чи Чуан, нѐ потсетува дека сѐ, ама баш сѐ во животот претставува резултат од мешањето на двете крајности, на горе и долу, на црно и бело, на машкото и женското, на Јин и Јанг! И згора на тоа, авторката сосема храбро и без колебање го прикажува тоа напати низ приказ на историјата на овие древни вештини, а напати низ призмата на таоизмот како теоретска позадина која го држи практичното и му овозможува вкоренетост во земјиното, не спречувајќи го да се вивне во универзалното небо на духовноста.

До средината се стигнува низ искусување на крајностите

Оваа книга како да сака да нѐ потсети дека сѐ во крајна линија е – интегритет, холизам, биопсихосоцијален тоталитет, јасност, едноставност и резултат! Токму како што таи чи чуанот и чи гонгот, низ едноставни но стамени, течни но цврсти, спори но одлучни движења, не води кон сопствениот телесен и личен интегритет и идентитет! Овие древни вештини, кои, како што наместа авторката истакнува, потекнуваат над 2000 години од сега, ја потенцираат важноста на размената со околината, на почитување на природноста на циклусите во животот, соодветствување со биоритамот, за на крајот да се постане едност со самата таа околина во една динамичка и постојано променлива структура… Она што ме воодушевува во оваа техника, а авторката го става на важно место во текстот, е фактот дека овие вештини со штедење на телесните и духовните сили, водат до тивок и трпелив резултат, ритам, распределба на ефектите, а со тоа, како во шахот, одат неколку потези нанапред! Насекаде е потенцирана важноста на балансот, на средето, крајната цел на сѐ што е во спротивното, ама со свесност дека до средината се стигнува низ искусување на крајностите!

Дијалектични парадокси кои водат до балансирање

Особено е интересен делот во кој авторката ги прикажува метафоричките и фактичките значења на основните елементи, при што ни укажува дека постојат рзалични форми на енергизирање и многу дијалектични парадокси кои водат до балансирање на елементите, како во природата, така и во нашето тело и нашиот ум. На пример – внатрешната дијалектика на водата (водата е безбојна, ама всушност таа безбојност е полното и мистериозно црно!). Како еден можен начин на гледање на овој дел од текстот може да биде теоријата на Гешталтот – оганот – срце, живот, боја, топлина, значи кулминација – водата наводнува и создава живот, води до дрво, дрвото гори и создава оган, а огнот полека се стивнува, се гасне и преоѓа во земја… сето тоа носи смирение, повлекување, плодна празнина и баланс! Од таа т.н. плодна празнина се раѓа нова потреба произлезена од природната и сосема спонтано новонастаната нерамнотежа, која води до нова борба кон рамнотежа! Во таа смисла, авторката мошне метафочино овој процес на премин од еден природен елемент во друг и потрагата по балансот го прикажува преку примерот кога летото преминува во есен, т.е. кога елементот дрво преоѓа во доминација на металот, т.е. како кога се прави зимница, елементите се стврднуваат, се кондензираат, се селектира она што е најхранливо, се затвора и се чува! Тоа е пример за припреми за новиот циклус на контакт, одмор, хибернација и спремање, активно чекање на новата фигура, која бездруго ќе се појави со доаѓањето на пролетта!

Преку древните вештини – до справување со психосоматиката

Понатаму во текстот, авторката прави мошне сложена и важна паралела меѓу елементите на природата и нивната поврзаност со функцијата на нашите органи, со што се прикажува важноста на т.н. психосоматика (појавата на телесни пореметувања и дисфункционалности предизвикани од психички причини) и т.н. соматопсихика (кога телесните функции се причина за пореметувања во менталните и емоционалните процеси). Ако го погледнеме следниов цитат – „Таи чи чуанот и чи гонгот овозможуваат придвижување и распространување на Чи енергијата низ целиот организам, при што на крајот на вежбањето се применува еден метод на ‚спуштање на Чи‘ и негово затворање во телото, со што се задржува телесната, а со тоа и духовната благосостојба на организмот“, можеме да забележиме дека авторката го става практикувањето на овие вештини во функција на заокружување на циклусот на контакт на организмот и неговиот кружен, цикличен процес на балансирање. Тоа, впрочем понатаму е уште повеќе потенцирано во делот за здравствените придобивки и ставањето во функција на овие вештини во справувањето со стресот! Особено би ја истакнал значајноста на оваа книга од аспект на нејзината недискриминативност, како што впрочем, и самите древни вештини се недискриминативни и ги обединуваат луѓето од различни професии, полови, возрасти и различен здравствен статус. Прекрасно е да се вреднуваат вештини кои, не само што се благородни и имаат позитивен ефект, туку се и такви да може да бидат изведувани и од болни луѓе, постари особи, луѓе кои имаат некои потешкотии итн.

Запад наспроти Исток – лекување на последицата или лекување на причината

Подолу во текстот, авторката вели – „Доколку се направи паралела со ситуацијата со болестите, ублажувањето на реакцијата на стресот е лекување на симптомите, односно на последицата, додека промената на личната перцепција, светоглед и животна философија претставува лекување на причинителот на болеста“, со што недвојбено ги спротивставува источните и западните концепции и теории за здравјето – западната која го лекува симптомот и источната која дејствува превентивно и ја спречува причината! Многу е вредно за споменување дека авторката низ целиот текст посочува наоди на релевантни истражувања од светот, но наведува и оригинални резултати на истражување кое го спровела таа во нејзиниот центар, а што на оваа книга и дава дополнителна стручна тежина.

„Тивка вода брег рони!“

Таи чи чуанот како да сака да нѐ потсети на парадоксалноста на човековото функционирање – „стабилен и скоро статичен сум, а сепак се движам!“ Овие древни вештини можат да ни ја зголемат свесноста дека сѐ што е многу, брзо, тешко, силно, фуриозно и жестоко, не мора да биде начинот на кој се доаѓа до целта… Нашиот народ рекол – „Тивка вода брег рони!“ Можеби најубавиот цитат во книгата е следниов – „Дисциплината е оската на одговорноста, столбот на мотивацијата, светлото на волјата и реализаторот на визијата. Лежи во сржта на слободата, бидејќи слободата е најголема одговорност. Таа е вештина на пливање во океанот на слободата. Без дисциплина нема саморазвој, нема одговорност, нема самопочитување и нема личен интегритет.“ Овој пасус нѐ потсетува дека ништо нема да се промени доколку не работиме на истото! Тивко, долго, споро, сигурно и целенасочено патување е единствениот начин да се допре до себеси и својата суштина…

Токму заради сето погоре кажано, топло ја препорачувам оваа книга која зрачи со: едноставност, дисциплина, стаменост, скромност и пред се – присутност!

текст: Проф. д-р Мирослав Пендароски – психолог, универзитетски професор, европски сертифициран психотерапевт
кавер фотографија: Елена Ставреска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *