Зен Преглед

Професор Ристо Чулев – за односот учител-ученик

Учителот е личност која што сознала некоја определена вистина и ја пренесува таа вистина на некоја друга личност, односно на ученикот. Учителот е личност што се грижи за развојот на личноста која треба да ја научи вистината. Пренесувајки ги знаењата, учителот се труди да создаде истовремено добра, здрава, стабилна, свесна, одговорна и среќна личност. За да може да ги постигне овие цели, самиот учител треба да биде среќна, добра, здрава, стабилна и одговорна личност.

За квалитетниот учител е својствено тоа што тој сака да го пренесе своето знаење, вештини и умеења на учениците. Неговиот авторитет треба да произлезе од неговиот правилен однос кон вистината, учењето, кон ученикот и кон себеси.

Што е тоа правилен однос?

Првенствено, учителот треба да сака да го пренесе знаењето и притоа да сака учениците да му бидат успешни, односно да ја сознаат вистината и да бидат среќни. Не треба да го крие знаењето од учениците. Треба да се радува на нивниот успех, а не да им пречи во постигнување на нивниот успех. Треба да биде јасен, прецизен и недвосмислен во предавањата (во изразувањето). Треба да биде чесен, откако ќе ги постави правилата на учење треба да се придржува кон нив. Априори да не го повредува правото на ученикот да учи. Да го определи квалитетот на знаењето што учениците може да го совладаат или научат и да ги определи методите, вредностите и техниките на учење. Да им каже на учениците кои се нивните мани и недостатоци при совладувањето на образовните вистини, или во процесот на усвојување на знаењата или вистините што им ги предава учителот. Најголема награда треба да му биде доказот дека го пренел знаењето на учениците, дека ги научил да се сакаат себеси и да ги сакаат другите, дека ги научил да ја сакаат вистината и да мислат, да решаваат животни и научни проблеми и придонел да бидат среќни и да се трудат да ги радуваат и усреќуваат другите. Исто така, дека ги научил да се почитуват себеси и другите, да ја разликуваат вистината од невистината и доброто од злото, да учат и да го применуваат тоа знаење. Учителот е квалитетен доколку ги мотивира и инспирира учениците да учат и да сакаат да учат.

Ученикот за да биден ученик, најважно е да сака да учи. Сам да си го избере учителот, ако станува збор за приватно учење или духовно учење, односно сам да си го избере училиштето, сам да си ја избере струката или смерот (средно или факултет). Треба да е одговорен кон себеси, кон учителот и процесот на учење. Треба да се почитува себе си, учителот и вистината, науката или верата, во зависност од тоа што одбрал да го учи. Многу е важно да не се откаже од процесот на учење и да верува во својата вредност – и како личност и како ученик, како и да создава работни навики.

Односот на ученикот и учителот треба да се темели на заемна почит (да си ги поддржуваат позитивните, а да си ги толерираат негативните карактеристики) при процесот на учење, треба да бидат благодарни дека се заедно во процесот на учење, треба да бидат благородни и да мислат за сопственото добро, сопствениот напредок, сопствениот успех, но и за доброто, напредокот и успехот на другите. Не треба да се лажат, да си ласкаат, да се озборуват, да се сомневаат во меѓусебната вредност… Не смее да се неодговорни кон самиот час или кон процесот на учење. Ученикот и учителот треба да се надополнуваат. Во процесот на учење да не се откажуваат еден од друг при неуспесите, напротив, да се подржуваат, а на успесите да не си завидуваат. Доколку станува збор за учител и ученик во духовнна смисла (отец и чедо, гуру и духовен практикант) во тој контекст, успешниот однос ученик-учител е квалитетен доколку ученикот е учител, а учителот ученик. Плус, на двајцата учител да им е вистината или Бог… Така процесот на учење ќе биде квалитетен, добар и успешен.

За односот учител-ученик да биде квалитетен, би требало да си ги поставуваме и овие прашања:
– Дали учителот треба да се откаже од ученикот? Дали ученикот треба да се откаже од учителот? Кои се вредностите (критериумите) за процесот на учење да биде квалитетен? Има ли добар и лош учител? Има ли добар и лош ученик? Кога (дали) треба да прекине односот ученик и учител? Дали учителот во исто време е и ученик? Дали може да постои учење, а и знаење, кое што не би било корисно за ученикот? Дали знаењето може да биде штетно? Како, на кој начин, треба да се прилагодуваат учителот и ученикот на современите образовни и социјални состојби?

 

текст: Ристо Чулев, професор по философија, логика, етика и урбана култура

подготовка: Дана Сиљан

кавер фотографија: Tran Le Tuan: https://www.pexels.com/photo/young-buddhist-monks-studying-books-on-the-floor-10031164/

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *