На преглед во Зен ординација ни дојде човекот чие оргомно познавање на зен будистичкото учење го има крунисано со својата магистерска теза под наслов: Бушидо, Будо и Зен, јадрото на јапонската култура и нејзиното влијание во современиот свет. Се работи за Сенсеи Владимир Јовановски, чиј клуб Бушидо Доџо деновиве одбележува 10 годишен јубилеј.
– Каков беше Вашиот впечаток од првиот карате тренинг на кој сте присуствувале во животот и дали беше лесна одлуката да се продолжи по патот?
– Искрено, замаглено ми е сеќавањето од првиот тренинг (смеење), а со самото тоа што сум продолжил по патот, сигурно дека впечатокот бил најмалку кажано добар.
Одлуката да се продолжи по патот беше спонтана, едноставно, без размислување, секој ден тренинг, и секој нареден. Не беше секогаш лесно, но самото откажување би значело и откажување од себеси, од сопствената суштина, та следствено на тоа, неспоредливо полесно ми беше да останам на патот, отколку да се откажам. Борците се борат (смеа).
– Дали сте имале/имате амбиции за освојување награди и кој дел од вештината најмногу Ви лежи?
– Амбиции за надградување секогаш имав, сè уште имам и се надевам ќе имам и во иднина. Мислам дека без желба за постојан напредок, следбеникот на боречките вештини е во вегетативна состојба.
За тоа кој дел од вештината најмногу ми лежи… Од физички аспект, онаа техника со која најлесно и најбрзо ќе го совладам противникот. Од духовен аспект, несвесно, инстинктивно и флуидно употребување на свесно стекнатите знаења и вештини, состојба во која мислата и акцијата се истовремени, празен ум — мушин, тотална слобода . Боречките вештини се начин на живот и како такви мора да се практикуваат, за да би биле корисни во сите домени од човековиот живот.
Вистинскиот учител, со својата умешност и љубов кон вештината, е инспирација за учениците
– Според Вашето искуство, дали постои разлика помеѓу авторитетот на учителот порано и сега?
– Тоа најмногу зависи од самиот учител. Ако само кажува и објаснува вербално, почитта ќе биде само на зборови, односно нема да постои вистински. Ако покажува и демонстрира, почитта веројатно ќе варира и ќе зависи од самите ученици и од нивните побуди за практикување на вештината.
Но, доколку учителот е учител во вистинска смисла на зборот, тој со својата појава, умешност во боречката вештина, љубовта кон неа и со целокупното негово битисување и начин на живот, ќе биде инспирација за учениците. На тој начин учениците нема воопшто да се трудат да го почитуваат учителот, тоа ќе биде природно и автоматски. Тие, инспирирани од него и неговиот начин на живот, вистински ќе чекорат по патот на боречките вештини. Во тој случај, авторитетот на учителот не зависи од временското доба во кое подучува.
– За крај, кажете ни нешто повеќе за Вашето доџо, каде може да Ве најдат оние кои се заинтересирани?
– Доџото работи веќе 10 години и од оваа година, конечно, во приватен објект за боречки вештини. Се наоѓа во Аеродром, спроти Џевахир кулите, на ул. Илија Димовски бр.6, во населба Лисиче. Моментално вршиме уписи и работиме во одвоени групи за деца и возрасни.
Сенсеи Владимир Јовановски е роден во 1987 во Скопје, Македонија. По образование е Магистер по Културологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ на Институтот за македонска литература, на теза: „Бушидо, Будо и Зен, јадрото на јапонската култура и нејзиното влијание во современиот свет„. Со боречки вештини се занимава од 1999 година, а најмногу Карате-до. Во 2012 година го основал центарот за јапонски боречки вештини Бушидо Доџо, а од 2018 година е официјален претставник и главен инструктор на најстарата Карате-до организација во Јапонија, Јапонската Карате Асоцијација – ЈКА во Македонија. Неколкукратен освојувач е на медали на домашно и меѓународно ниво. Има учествувано на повеќе од 50 семинари и обуки за Карате-до, како и едномесечна обука во Јапонија со повеќе од 100 часа тренинг. Учел од повеќе учители, но најголемо влијание и најголема инспирација му се легендите на јапонското Карате-до — Сенсеи Танака Масахико, Сенсеи Јахара Микио, Сенсеи Нака Татсуја и легендата на македонското Карате-до, Сенсеи Мирче Опелоски.
Подготовка: Дана Сиљан